Saturday, December 17, 2011

Новогодишна елка од пластични шишиња

Се надевам дека добар дел од вас веќе прочитаа за иницијативата за правење новогодишна елка од пластични шишиња. За да не се повторуваме, подолу е линкот од настанот објавен на Фејсбук, како и линкот со хаштагот од Твитер на кој може да ги следите тековните подготовки.

Топла препорака до сите кои не знаат за што станува збор, да одвојат дел од сопственото време и да прочитаат за акцијата, и голема благодарност однапред до сите оние што ќе решат да се вклучат во акцијата на било кој начин.



Ова е акција која е покрената спонтано, нема никаква формална организација која стои зад неа, а целите се далеку од амбициозни. Секој од нас се вклучува на сопствена иницијатива и сам ги гради сопствените очекувања. За мене оваа акција е прилика да се направи нешто убаво и корисно, да се запознаат нови луѓе и да се помине пријатно време во дружењето со нив, но и да се добие чуство за граѓанска одговорност и граѓанска иницијатива.

Оваа наша иницијатива сигурно е ситна во однос на крупните проблеми со кои се соочуваме секојдневно, но секако е пополезна од времето кое го минуваме во бесцелните разговори и расправии за работите кои тешко дека ќе ги промениме седејќи дома пред компјутер.

И навистина не знам да ви кажам што ќе смените со тоа што ќе донесете две-три пластични шишиња во сабота, на 24 декември, во Лептокарија, помеѓу 12 и 14 часот, но знам дека мене лично ќе ми го направите денот поубав. А да направиш нечив ден поубав, тоа воопшто не е малку!

п.с. Пријателите од другите пунктови за собирање исто така порачуваат дека ќе можете и нив да им го направите денот поубав:

o Платото пред Универзална сала – Таму ќе ве чекаат Ивана (мало бушавко, нема шанси да ја утнете) и Душица (debarmaalka.wordpress.com)
o Бисер – Таму ќе ве чека Ајродромскион (aerodromskison.blogspot.com)
o Карши хотел Бристол – таму ќе ве чека Тамара (tamaraatanasoska.wordpress.com)
o Капиштец пред Беверли Хилс – Таму ќе ве чека Јована (jovanatozija.blogspot.com)

2 коментари:

Anonymous said...

Kade tocno vo Leptokarija? Leptokarija e shirok poim =)

Дарјан Раденковиќ said...

Па ајде на средина, кај клупите, од страната на Партизанска.

Post a Comment

Сподели

 
;